Во текот на изминатата недела се одржа деветтиот рангиран турнир од тековната снукер сезона. Имено, на програмата беше дванаесеттото издание на популарниот Снукер Шут-аут, односно петтото откако стана рангиран турнир.
Истиот беше одржан во Милтон Кинс, Англија и беше одигран по традиционалните различни правила, според кои, еден меч трае десет минути, а помеѓу секој удар, натпреварувачите имаат само десет, односно петнаесет секунди.
Минатата година, шампион беше Англичанецот Мајкл Холт, кој сега доживеа елиминација во втората рунда од Метју Стивенс (52-21).
Накрај, како победник од овогодинешниот Снукер Шут-аут излезе Велшанецот Рајан Деј, кој беше подобар од седум противници.
Во финалето, 50. играч на светската ранг-листа го совлада фаворизираниот Марк Селби со резултат од 67-24.
За Велшанецот, ова е трета титула на рангираните турнири во својата кариера.
📸 Tai Chengzhe/Visual China Group via Getty Images



