Една од петте синоќешни средби во НХЛ ја одиграа екипите на Вашингтон Капиталс и на Филаделфија Флаерс, кои постигнаа вкупно единаесет погодоци.
Имено, Флаерс славеа со 4-7 и ја прекинаа својата низа од два порази. Со самото тоа, претставниците на Пенсилванија останаа на второто место на Источната дивизија, оставајќи ги денешните ривали на третата позиција.
Во првата третина, Александер Овечкин и Том Вилсон им донесоа предност од 2-0 на Капиталс, а Скот Лотон намали на 2-1.
Истиот играч им донесе израмнување на Флаерс во третата минута на вториот период. Само сто секунди подоцна, Овечкин ја врати предноста на Вашингтон, а Роберт Хаг и Џејмс Ван Римсдајк направија целосен пресврт за 3-4 во корист на Филаделфија.
Четвртиот гол во мрежата на Витек Ванечек резултираше со промена на голманската позиција на Капиталс, односно со влегувањето на Крег Андерсон. До крајот на втората третина, Никлас Бекстром повторно го израмни резултатот на 4-4 во пресрет на последните дваесет минути.
Во третиот период, Лотон го комплетираше својот хет-трик, а Шон Кутурие, со двата погодоци, им ја донесе посакуваната победа на Филаделфија Флаерс.
📸 Patrick McDermott/NHLI via Getty Images



