Втората станица во новата година од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција е швајцарскиот Аделбоден, каде што на програмата се двете технички дисциплини.
По вчерашната петта трка каде што славеше Алексис Пантуро, денешната трка беше вкупно шеста во велеслалом во оваа сезона.
На неа, Пантуро стигна до 33. победа во кариерата и го престигна славниот Боде Милер на 9. место по број на победи во Светскиот куп во историјата.
Со втората врзана победа во два дена каде што останатите скијачи заостануваа над една секунда, Французинот ја покажа својата најквалитетна страна во велеслалом.
По вторпат во низа, на второто место се најде Хрватот Филип Зубчиќ (+1,26), а подиумот го заокружи Швајцарецот Лоик Мејар (+1,65), кој беше прв после првата серија.
Подиумот, за само две стотинки, му побегна на Марко Одермат (+1,67), а актуелниот светски првак, Александер Омодт Килде (+1,69) го заокружи пласманот во топ 5 и беше последен со заостаток под две секунди.
📸 Alexis Boichard/Agence Zoom/Getty Images



