Втората станица од Новогодишната турнеја, традиционално е германскиот ски-центар Гармиш-Партенкирхен.
На денешното натпреварување, победникот на првата скокалница, Карл Гајгер, потфрли во првата серија, а Мариус Линдвик, третиот од Оберстдорф, не скокаше денес поради настинка.
До победата, со нов рекорд на скокалницата од 144 метри, дојде Давид Кубацки, кој го остави зад себе Халвор Егнер Гранеруд. Со петтиот триумф во кариерата, Кубацки стана само четврти победник на десеттото овосезонско натпреварување. На третото место заврши уште еден Полјак, Пјотр Жила, а Камил Штох се пласира на четвртото место.
Гајгер, накрај, успеа да стигне до петтата позиција, а во продолжение следуваа Филип Ашенвалд, Рјоју Кобајаши, Маркус Ајзенбихлер, Јохан Андре Форфанг и Андржеј Стекала.
На поредокот на турнејата, Гранеруд (555,0 поени) е прв, пред Гајгер (-4,0), Штох (-6,7), Кубацки (-8,6) и Ајзенбихлер (-23,5).
Веќе од утре, скокачите се селат во Австрија, односно во Инсбрук што претставува третата станица од Новогодишната турнеја.



