Четвртиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон се одвиваше во австрискиот Хохфилцен по вторпат во низа. На денешната програма беа потерите и во машка и во женска конкуренција, базирани на времињата од изминатиот спринт.
Кај мажите, најбрзиот на спринтот, Стурла Холм Лагреид, победи и денес, станувајќи првиот натпреварувач со три триумфи сезонава. Зад него следуваше група од четири биатлонци, кои скијаа рамо до рамо до самиот крај. Во финишот, нивниот распоред гласеше: Емилијен Жакелан (+8,5), Јоханес Тингнес Бо (+8,9), Ветле Сјастад Кристијансен (+13,0) и Мартин Понсилуома (+15,7).
Кај дамите се случи потполно истото сценарио, кога е во прашање првото место: Норвежанката Тирил Екоф, исто како и нејзиниот сонародник Лагреид, славеше вчера на спринтот, а со денешната победа стана првата биатлонка со три триумфи сезонава.
Освен неа, на подиумот се пласираа двете сестри Хана (+22,5) и Елвира Оберг (+27,6). Во првите пет, изборија пласман Ингрид Ландмарк Тандерволд (+28,2) и Доротеа Вирер (+42,2).



