Петтиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во алпско скијање во машка конкуренција беше резервиран за вторите брзински дисциплини сезонава.
На денешната петочна програма, во италијанскиот ски-центар Вал Гардена, се наоѓаше вториот овосезонски супервелеслалом. Првиот беше одржан минатиот викенд во Вал д’Изер, каде што до првата победа во кариерата дојде Мауро Кавиецел.
Истиот скијач беше одличен и денес, заземајќи го второто место (+0,12). На првата позиција, за првпат после 14 февруари во Заалбах, се пласира актуелниот шампион Александар Омодт Килде (58,30). Подиумот го комплетираше неговиот сонародник Кјетил Јансруд (+0,21).
Освен тројцата првопласирани, во една секунда беа уште шест скијачи: Матијас Мајер (+0,34), Андреас Сандер (+0,60), Нилс Алегре (+0,78), Жоан Клери (+0,86), Рајан Кохран-Сигл (+0,87) и Марко Одермат (+0,98).



