Четвртиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон се одвиваше во австрискиот Хохфилцен по вторпат во низа, а истиот започна денес со спринтот во машка конкуренција.
Норвежаните беа најуспешни на десеткилометарската делница, заземајќи ги првите четири позиции.
Имено, Стурла Холм Лагреид (23:04,9) стигна до својата втора овосезонска победа, оставајќи ги зад себе на подиумот сонародниците Јоханес Дале (+7,9) и Јоханес Тингнес Бо (+19,9), кој имаше и две промашувања.
Четвртиот Норвежанец во низа беше Ветле Сјастад Кристијансен (+42,5), а во продолжение, со заостаток под една минута, следуваа: Себастијан Самуелсон (+44,9), Дмитро Пидручни (+51,3), Квентин Фијо Маје (+52,3), Емилијен Жакелан (+56,1) и Мартин Понсилуома (+58,0).
Денешните заостатоци и предности ќе бидат земени предвид на саботната потера, претставувајќи ги стартните времиња на биатлонците.



