Откако сите тестови на Ковид-19 беа негативни, македонските одбојкари започнаа да тренираа првпат по Европското првенство во септември лани, кога во Љубљана минавме подобро од прогнозите и ги совладавме Белорусија и вицешампионот Словенија.
Во план е претпладне да се работи на физичката, а попладне на тактичката подготовка, но селекторот Никола Матијашевиќ ќе дозира знаејќи дека во тимот не се петмина интернационалци коишто се основа во ротацијата.
Никола и Ѓорѓи Ѓоргиеви, Александар Љафтов и Филип Деспотовски имаат клупски ангажмани, а Филип Маџунков е повреден, така што во оваа фаза шанса ќе добијат помладите или оние коишто не беа во прв план во претходниот период.
Од поискусните и стандардните, во полн интензитет од почеток ќе тренираат Владо Милев, Ристо Николов и Дарко Ангеловски. Репрезентацијата ќе биде комплетна пред двата пријателски натпревара со Бугарија во Скопје на 29-ти и на 30-ти, што значи дека стручниот штаб ќе има неполни две недели за да ја подготви играта за соочувањата со Турција и со Босна и Херцеговина.
Калкулации се јасни, потребни се две убедливи победи против босанците и што повеќе сетови, бодови, по можност и триумф над подоброрангираната Турција. Само така, македонската одбојкарска репрезентација ќе биде речиси сигурна дека учеството на еврошампионатот во септември наредната година ќе биде остварена мисија, дури и доколку заврши второпласирана во групата.
Со освоено прво место на турнирот со четири меча за шест дена во Скопје од 11-ти до 16-ти јануари, ќе нема никаква дилема – Македонија повторно ќе игра на Европско.
Извор и фото: Одбојкарска федерација на Македонија



