Откако Вејн Руни го презеде тренерското место од Холанѓанецот Филип Коку, екипата на Дерби Каунти нема ниту еден пораз. Во оваа позитивна серија спаѓаат шест средби, од кои четири ремија и две победи.
Токму денес беше забележен вториот триумф во овој интервал, откако на „Прајд Парк“ падна Свонси со 2-0. За момците предводени од поранешниот англиски репрезентативец, ова е само трет овосезонски триумф и прв на домашен терен во Чемпионшип, после 27 јуни, кога беше поразен Рединг со 2-1.
Стрелци на двата погодоци на денешната средба беа Колин Казим-Ричардс (4′) и Камил Јожвијак (37′). За двајцата фудбалери, денешните голови беа нивни втори, односно први во сезоната, а воедно и во црно-белиот дрес.
Во пресрет на мечот, Свонси влезе како благ фаворит, пред сè поради неверојатната одбрана што важеше за најдобра во првите англиски четири лиги. Со овој пораз, момците на Стив Купер останаа во плејоф-зоната, заземајќи го петтото место, додека Дерби е највисокорангиран од екипите во „црвената зона“.



