Третиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон се одвиваше во австрискиот Хохфилцен, а истиот започна во петокот со спринтовите во машка и во женска конкуренција, каде што, за првпат во своите кариери, триумфираа Јоханес Дале и Ѕинара Алимбекава.
Вчера, мажите имаа потера во којашто Французите Квентин Фијо Маје и Емилијен Жакелан ги зазедоа првите две позиции. Од друга страна, жените се тркаа тимски, а најбрза беше Норвешка, пред Франција и пред Шведска.
На денешната програма беа повторно истите трки, но овој пат во различна конкуренција.
Имено, дамите ги одмерија силите во потерата, базирана на резултатите од минатиот спринт. Марте Роиселанд ја запиша својата седма победа во кариерата и прва после 23 февруари во Антолц, поминувајќи десет километри за 29:04,6 минути, притоа промашувајќи две пукања. Алимбекава (+13,9) остана на подиумот, односно на второто место, а Жулија Симон (+17,8) заврши како третопласирана за првпат во кариерата. Во интервал под една минута се наоѓаа уште Хана Оберг (+21,4) и Каролине Кнотен (+52,6).
Во машката тимска штафета, Пепе Фемлинг, Јеспер Нелин, Мартин Понсилуома и Себастијан Самуелсон ѝ го донесоа првото место на Шведска (1:16:31,5), пред Норвешка (+5,7) и пред Германија (+44,1). За второпласираната селекција скијаа Стурла Холм Лагреид, Јоханес Дале, Тарјеи Бо и Јоханес Тингнес Бо, додека за Германија настапија Ерик Лесер, Роман Реес, Бенедикт Дол и Филип Хорн.



