Третиот овосезонски натпреварувачки викенд од Светскиот куп во биатлон ќе се одвива во австрискиот Хохфилцен, а истиот започна денес со спринтовите и во машка и во женска конкуренција.
Дамите се тркаа на 7,5 километри со стандардните две пукања. Како најбрза се покажа Ѕинара Алимбекава, којашто ја оствари првата победа во кариерата. На подиумот, а воедно и единствени со заостаток под десет секунди, беа Тирил Екоф (+8,5) и Франциска Пројс (+9,9).
Во првите десет завршија уште: Марте Роиселанд (+16,9), Маркета Давидова (+19,4), Жулија Симон (+20,1), Лиза Витоци (+22,3), Доротеа Вирер (+25,6), Лиза Тереза Хаусер (+34,1) и Клер Еган (+35,7). Сите горенаведени натпреварувачки имаа по еден промашај, освен Симон, која имаше и две, односно Алимбекава и Витоци, кои ги погодија сите десет пукања.
Првопласираната во генералниот поредок, Хана Оберг, потфрли драстично со две промашувања и го зазеде 29. место со заостаток од 1:15,1.
Од друга страна, мажите се тркаа на десет километри со исто така две пукања. И овде, исто како и кај дамите, добивме нов дебитантски победник во името на Јоханес Дале. Норвежанецот беше беспрекорен во пукањето и особено во скијањето во втората половина. Негова единствена ,,закана” му беше сонародникот Јоханес Тингнес Бо, кој промаши со последниот куршум и накрај заврши како четврти (+41,2). Освен Дале, на подиумот застанаа уште двајца Французи – Квентин Фијо Маје (+17,1) и Фабиен Клод (+29,0).
Пласманот во првите десет го комплетираа: Себастијан Самуелсон (+44,3), Емилијен Жакелан (+45,7), Ветле Сјастад Кристијансен (+51,1), Бенедикт Дол (+51,7), Стурла Холм Лагреид (+56,3) и Ерик Лесер (+1:00,0).
Заостатоците и предностите од денешните две трки ќе бидат земени во предвид на наредната потера што ќе се одржува утре (во машка конкуренција) и задутре (во женска конкуренција).



