Две екипи со по четири победи во последните десет мечеви, а воедно и што ги заземаат позициите веднаш под плејоф-зоната во своите конференции, Амур Хабаровск и Витјаз Подолск, ги одмерија силите во првиот денешен меч во КХЛ.
Домаќините што доаѓаат од најисточниот град во цела лига успеаја да триумфираат со солидни 3-1.
Амур ја стекна клучната предност со по еден погодок во мрежата на Антон Тодиков во секоја третина. Стрелци за ,,Тигрите” беа Александер Полунин (х2) и Данил Фаизулин.
На пет минути пред крајот на натпреварот, фантастичната партија со триесет одбрани на Јевгени Аликин не беше крунисана со ,,шут-аут” поради голот на Витали Попов.
Триумфот на Амур беше од клучно значење за Спартак Москва и за Северстаљ Череповец, бидејќи, Витјаз со нови два поени ќе се доближеше максимално до позициите што носат плејоф.



