Втор викенд по ред, пилотите од Формула 1 се тркаа во Бахреин, но овој пат на благоизменетата патека за големата награда на Сахир.
Во пресрет на истата, ,,Мерцедес” очекувано го имаше првиот стартен ред, окупиран од Валтери Ботас и од Џорџ Расел.
Имено, Расел дојде во шампионскиот тим од редовите на ,,Вилијамс”, како замена за Луис Хамилтон, кој е позитивен на КОВИД-19.
Исто така, на оваа трка дебитираа двајца други возачи. На местото на Расел дојде Џек Ејткен, а повредениот Ромен Грожан беше заменет од Пјетро Фитипалди.
Уште во првиот круг, Шарл Леклер и Макс Ферстапен излетаа од патеката, а од инцидентот настрада Серхио Перез, кој падна на последното место.
Во продолжение, дуото на ,,Мерцедес” го водеше целиот грид, но поради грешка на механичарите (монтирање на погрешни гуми), пилотите паднаа за три, односно за четири позиции.
Во тој момент, Перез изби на врвот и остана таму до самиот крај, запишувајќи ја првата победа во својата кариера на јубилејната 190. трка.
Расел и покрај проблемите, успеа да му дојде зад грб на Мексиканецот, но поради дупната гуми беше принуден на ново влегување во боксот и накрај мораше да се задоволи со тешкоосвоената деветта позиција. За него, ова беа првите поени во кариерата во Ф1.
Уште еден возач стигна до дебитантско достигнување. Имено, Естебан Окон заврши на второто место и го освои својот прв досегашен подиум, оставајќи го зад себе Ленс Строл – клупскиот колега на Перез.
Освен овие возачи, поени освоија уште: Саинц, Рикардо, Албон, Квјат, Ботас и Норис.



