Денес беше одиграно вкупно 158. Јадранско дерби во хрватската фудбалска историја. Истото го сочинуваат екипите на Хајдук и на Ријека, кои оваа сезона конкурираат за првите три позиции.
До вкупно 47. меѓусебна победа денес стигна Ријека, која триумфираше со пресврт со 1-2.
Хајдук поведе со голот од пенал на Мијо Чакташ во 10. минута, а до крајот на полувремето, гостите израмнија на 1-1 преку првиот овосезонски гол на Стјепан Лончар (40′).
Тренерот на Ријека, Симон Рожман, во 60. минута го внесе во игра Лука Менало наместо Роберт Муриќ. Истиот играч се покажа како одличен џокер за тимот од ,,Рујевица”, бидејќи девет минути подоцна, го комплетираше пресвртот и го постави конечниот резултат.
За Ријека, ова беше само втора победа во последните девет средби во сите натпреварувања, доволна за четвртото место на табелата. Од друга страна, за милениците на ,,Торцида” ова беше прв пораз после четири натпревари за заземање на петтата позиција.