Второто овосезонско натпреварување од Светскиот куп во нордиска комбинација, повторно се одржуваше во Рука, Финска.
После првата серија, која генерално се состои исклучиво од ски скокови, прв беше последниот победник и актуелен шампион Јарл Магнус Риибер. Норвежанецот скокна 141 метар и со тоа стекна предност во втората серија што изнесуваше четиринаесет секунди во однос на вториот Акито Ватабе. Мануел Фаист беше трет после скоковите (+0:38), а во првите петмина се пласираа уште Јошито Ватабе (+0:48) и Франц-Јозеф Рерл (+0:49).
Во втората серија, односно на десеткилометарското гундерсен скијање, Риибер само ја загарантира својата втора победа во низа. Најзначаен напредок имаше Германецот Ерик Френцел, кој од шестата напредна до втората позиција (+50,1). На третото место заврши Акито Ватабе (+51,4), а заостаток под една минута имаа Рерл (+52,6) и Фаист (+56,3). Освен нив, пласман на првите десет позиции изборија уште Јоханес Лампартер (+1:09,7), Јоханес Ридзек (+1:15,2), Лукас Грајдерер (+1:43,2), Јошито Ватабе (+1:44,5) и Јенс Лураас Офтебро (+1:48,2).



