Во тек е првиот натпреварувачки викенд од новата сезона во Светскиот куп во ски скокови, а истиот се одржува во Висла, Полска.
По вчерашните квалификации освоени од домашниот скокач, Камил Штох, денес, на програмата беше тимското натпреварување.
Во него, првиот овосезонски триумф го забележија Австријците составени од Михаел Хајбок, Филип Ашенвалд, Даниел Хубер и Штефан Крафт.
Освен нив, на подиумот завршија Германија (Константин Шмидт, Пиус Пашке, Карл Гајгер и Маркус Ајзенбихлер) и Полска (Пјотр Жила, Клеменс Муранка, Давид Кубацки и Камил Штох), а во втората серија се пласираа уште: Норвешка, Јапонија, Словенија, Русија и Швајцарија.
Единствена селекција што не ја помина првата серија беше Чешка.
Најдалечниот скок на денот го имаше третиот австриски скокач од втората серија, Даниел Хубер, кој скокна 135 метри.
На утрешната програма е првото индивидуално натпреварување со почеток од 16:00 часот.



