Купот на шест нации во рагби унион, оваа година ја пружи максималната драма.
Имено, денес беше одиграно последното коло, во чијшто пресрет, три екипи се бореа за титулата.
На првото место беше Ирска со четиринаесет поени (+38), а второто и третото место, со по тринаесет поени, го заземаа Англија (+15) и Франција (+13). Останатите три позиции им припаѓаа на Шкотска, на Велс и на Италија, коишто немаа шанса за титулата, пред сè поради распоредот на последните средби.
За некоја од трите екипи да ја освои титулата, требаше:
- Ирска, за да стане нов шампион, требаше да ја порази Франција и притоа да освои бонус поен или пак, да слави без бонус поен, но да се надева дека Англија ќе победи минимално или ќе загуби од Италија.
- Англија, за да стигнеше до првото место, требаше само да ја победи Италија и да се надева дека Франција ќе ја порази Ирска со минимална разлика.
- За Франција да стане нов шампион, требаше да ја порази Ирска со два поени разлика повеќе, отколку што Англија ќе биде подобра од Италија.
Во врска со оваа ситуација, поранешниот англиски репрезентативец, Уго Монје, за рагби подкастот на ,,БиБиСи” изјави:
,,Мислам дека најверојатниот исход на последното коло ќе биде Англија да ја порази Италија и да го дигне трофејот.”
Резултати од последното коло:
Велс 10-14 Шкотска
Италија 5-34 Англија
Франција 35-27 Ирска
Епилог:
Во првиот меч, Велс и Шкотска, ревијално одиграа со 10-14, а запаметен ќе остане велшкиот капитен, Алун Вин Џонс, кој стана национален рекордер по бројот на настапи за Велс (149).
На вториот натпревар, Англија очекувано ја порази Италија со 5-34, којашто ја продолжи својата негативна серија на 27 порази.
Во пресрет на последната средба, Англија го држеше првото место (+44). Според овој податок, Франција требаше да слави со триесет и два поени разлика, притоа да освои и дополнителен поен. Ситуацијата за Ирска беше полесна бидејќи им требаше победа со бонус поен или победа од седум разлика.
Накрај, Франција беше подобра и победи со 35-27 за освојување на второто место, притоа потиснувајќи ја Ирска на третата позиција. Сето ова значеше дека Англија го освои најелитниот европски репрезентативен турнир за првпат после 2017.



