Детроит Лионс и Кливленд Браунс се екипите коишто изборија триумфи во последните секунди од своите натпревари во седмата недела од тековната НФЛ сезона.
Детроит ги порази Атланта Фалконс со 22-23, во неверојатна завршница. На само една минута до крајот, Атланта постигна тачдаун преку Тод Гурли, кој беше придружен со конверзија од два поени за водство од 22-16. Во последната минута, Метју Стафорд комбинираше одлично со Кени Голадеј, а потоа и со Ти Џеј Хокенсон, за израмнување на резултатот преку тачдаунот во последната секунда. Победата на Лионс, трета сезонава, им ја донесе шутерот Мет Прејтер со успешниот шут за екстра-поен.
Од друга страна, во дивизискиот дуел во рамките на АФК Север, силите ги одмерија Синсинати Бенгалс и Кливленд Браунс. Браунс ја запишаа својата петта победа сезонава, за учинок од 5-2, совладувајќи го тимот предводен од Џоу Бароу (35/47 обиди за додавање, 406 јарди, 3 тачдауни и 1 пресечено додавање), со резултат од 34-37.
Во последната минута, Бејкер Мејфилд, исто како и Метју Стафорд од Детроит Лионс, имаше две одлични акции за да стигне до тачдаунот. Најпрво, одлично фаќање имаше Рашард Хигинс, а тачдаунот го забележа Донован Пиплс-Џонс, кој ја фати топката со неверојатна вештина. Имено, Мејфилд беше одличен на денешниот меч со 297 јарди и 5 тачдауни, по пресеченото додавање во првата четвртина.
Во соработка со НФЛ Македонија



