На трката за големата награда на Емилија Ромања, возена во Мизано, во Мото 3 категоријата, повторно бевме смедоци на огромен спектакл.
Имено, во поголемиот дел од трката, Челестино Виети беше на првата позиција, а за второто место се бореа неколку возачи: Алберт Арењас, Романо Фенати, Габриел Родриго, Аи Огура и Хауме Масија.
Дерин Биндер стартуваше од дваесеттото место и за десетина кругови се проби дури до четвртата позиција. Сепак, на пет кругови до крајот, Јужноафриканецот доживеа стравотен пад и излета од патеката.
Борбата за победничкиот подиум стануваше сè понеизвесна со големи промени и бројни претекнувања. На само неколку кривини до крајот, Арењас изби во водство, давајќи им заветрина на Виети и на Огура. Двајцата успеаја да го претекнат Шпанецот, кој е водечки во генералниот пласман, но од „заседа“ се појави Италијанецот Романо Фенати, кој неочекувано го презеде водството и дојде до својата дванаесетта победа во Мото 3. Со овој триумф, Фенати стана најуспешниот возач во историјата на Мото 3.
Поредокот на првите пет возачи е: Фенати, Виети, Огура, Арењас и Масија.
Најголем губитник од сите возачи е Шкотланѓанецот Џон МекФи, кој заврши на десеттото место и загуби доста поени во однос на најблиските конкуренти во генералниот пласман.
На табелата, Арењас е сè уште прв, но сега има само два поени предност во однос на Огура.



