Тампа Беј Лајтнинг се вторите овосезонски финалисти, откако синоќа изборија победа после продолжение и ја победија серијата против Њујорк Ајландерс со 4-2.
На шестиот натпревар, двата регуларни гола паднаа во првата третина. Најпрво, Девон Тејс стрелаше за Ајландерс, а за Лајтнинг израмни Виктор Хедман.
Швеѓанецот го постигна својот деветти гол во тековниот плејоф и го израмни рекордот за најефикасен дефанзивец пред финалната серија што го држи Пол Кофи од 1985 година.
Во продолжението, беа потребни над тринаесет минути за да се дознае победникот, а хокеарот што ги однесе Тампа Беј во финале е Ентони Сирели.
Лајтнинг го загубија претходниот меч со ист резултат после продолжение, но синоќа славеа по петти пат во овогодинешниот плејоф после пораз. Воедно, екипата од Флорида стана прва во историјата на НХЛ што, во три последователни плејоф серии, го доби последниот меч после продолжение.



