Третиот, а воедно и последниот натпревар од интернационалната Т20 серија помеѓу Англија и Пакистан заврши со победа на азискиот претставник.
Конечниот резултат изнесуваше 185/8 (20) – 190/4 (20) во корист на Пакистан, кој трепереше до самиот крај. Имено, Англичаните можеа да дојдат до победата, доколку Адил Рашид освоеше шест поени со последната топка.
Најефикасен удирач на Пакистан беше Мохамад Хафиз со осумдесет и шест поени, а кај Англичаните, тоа беше Моеен Али со шеесет и еден.
Вреди да се напомене дека деветнаесетгодишниот удирач на Пакистан, Хаидер Али, беше одличен со педесет и четири поени на своето интернационално Т20 деби.
Од фрлачите, за Пакистан најдобар беше Вахаб Риаз (2-26), а за Англија – Крис Џордан (2-29).
Првиот меѓусебен дуел беше прекинат поради непогодните временски услови, а на вториот, Англија победи со 199-195, односно 199/5 (19.1) – 195/4 (20).



