Денвер Нагетс стана дванаесеттиот тим во историјата на НБА што успеал да помине во наредната плејоф фаза, откако губел со 3-1.
Нагетс го остварија ова достигнување синоќа со победата од 80-78 над Јута Џез во ,,мајсторката”.
Во првото полувреме и во почетокот на второто, Денвер имаше двоцифрена предност што претставниците на Солт Лејк Сити успеаја да ја анулираат, а потоа и да поведат во последната четвртина.
Сепак, накрај пресудни беа поените на Никола Јокиќ на четиринаесет секунди пред крајот, кој му ја донесе победата на Денвер во четвртата врзана серија со седум натпревари.
Воедно, Јокиќ беше најефикасен кошаркар на паркетот со триесет поени, четиринаесет скокови и четири асистенции, а од редовите на Јута, најдобар беше Донован Митчел со дваесет и два поени, девет скокови и една асистенција.
Освен Јокиќ, до дабл-дабл учинок дојде и Руди Гобер (Јута) со деветнаесет поени и осумнаесет скокови.
Во четврт-финалето, Денвер Нагетс ќе се соочат со ЛА Клиперс за влез во конференциското финале.



