Првиот викенд од август е резервиран за трката за големата награда на Велика Британија традиционално одржена на патеката „Силверстон“.
Во саботната програма беа закажани квалификациите на коишто Луис Хамилтон дојде до пол-позицијата со нов рекорд на патеката од 1:24,303 минути. За Британецот, ова е вкупно седма пол-позиција на Силверстон со што го држи рекордот по најмногу пол-позиции на домашните гран-при трки.
На второто место заврши Валтери Ботас со што постави уште еден рекорд односно вкупно 66. старт на „Мерцедес“ од првите две позиции во историјата.
Макс Ферстапен и Шарл Леклер ќе стартуваат од вториот стартен ред, додека од третиот ќе тргнат Ландо Норис и Ленс Строл. Во првите десет завршија и Карлос Саинц, Даниел Рикијардо, Естебан Окон и Себастијан Фетел.



