Овогодинешниот НХЛ Драфт требаше да се одржи во „Бол Центер“ во Монтреал, Канада на 26 и 27 јуни. Сепак, 58. издание на ова случување беше одложено поради настанатата пандемија. Сè уште не е утврден новиот датум на реализација, но сепак, синоќа беше одржена лотарија според која го добивме распоредот на пиковите.
Пиковите од 9 до 15 во првата рунда се загарантирани за екипите кои ќе се натпреваруваат во плејофот. Како осми тим кој ќе избира играч ќе биде Бафало Сејбрес, а пред него ќе избираат Њу Џерси Девилс (7), Анахајм Дакс (6) и Отава Сенаторс (5). Детроит Ред Вингс имаа очајна сезона којашто им го донесе четвртиот пик, а Отава, освен петтиот, ќе го има и третиот пик откако претходно направи замена со Сан Хозе Шаркс. Втор тим кој ќе избира играч ќе биде ЛА Кингс, а првиот пик засега останува непознат. Во конкуренција ќе влезат сите тимови кои ќе загубат во првата квалификациска рунда од плејофот.



