ФФМ односно фудбалската федерација на Македонија немаше никаков план и стратегија како да се продолжи после епидемијата со вирусот, па откако сите држави излегоа со свои предлози и критериуми, раководството на македонската федерација реши барем да препише дел од пропозициите. Но како и секој кој препишува на крај излегува дека не ја научил лекцијата и препишувањето го направил на погрешен начин.
Челниците и натпреварувачката комисија решија да продолжи првенството на средината на јуни, но ваков систем на натпреварување каков што е воспоставен се чини дека сме единствени во светот со таков начин на функционирање. Ќе се игра Плејоф и Плејаут, но во плејаутот ниедна од екипите нема да испадне од лигата, можеби ова е за верување или не, ама сепак е жива вистина.
Ако се нема стратегија и план барем ќе имаме еден куп глупи решенија на кои што светската фудбалска јавност слатко ќе ни се смее. Пред неколку дена клубовите имаа состанок со ФФМ, но прашање е дали на тој состанок разговараа за иднината на ПМФЛ или си разменуваа рецепти за слатки. Одлучено е во меѓудругото одигрување на четирите преостанати кола од третиот круг, а потоа преминување на одигрување на плеј-оф (првите шест екипи по завршување на третиот круг).
Првопласираните три екипи по крајот од плеј-офот се стекнуваат со право на учество во УЕФА европските натпреварувања. Плеј-аут (последно пласираните четири екипи по завршување на третиот круг) БЕЗ ИСПАЃАЊЕ на последните две екипи по крајот од плеј-аут фазата. Одигрување на Купот на Македонија со еден полуфинален натпревар и финален натпревар. Победникот од Купот на Македонија обезбедува пласман во УЕФА европските натпреварувања.
Сите натпревари ќе се играат без присуство на гледачи на стадионите, а ќе биде ограничен и бројот на присутни лица кои ќе бидат дел од организацијата на натпреварите. Исто така, фудбалерите, стручните штабови и сите други лица вклучени во тимовите, како и официјалните лица на натпреварите се обврзани да го почитуваат здравствениот протокол за одигрување на натпревари.
Екипите од Втора МФЛ нема да го продолжат натпреварувањето од сезоната 2019/2020, а Комисијата за натпреварување препорачува истото да го следат и тимовите од Трета МФЛ, како и останатите пониски лиги. Оваа веќе не е ,,Куќа на фудбалот” туку ,,Луда куќа на фудбалот”, која што со своите погрешни и скандалозни одлуки го носи фудбалот во пропаст.
Фото: https://ffm.mk/



