На денешен ден (12 мај) во 2013, беше одигран реваншот од полуфиналето на плејофот во англискиот Чемпионшип помеѓу Вотфорд и Лестер.
Првиот натпревар беше одигран три дена претходно, а Лестер славеше со 1-0 благодарение на голот на Дејвид Нуџент во 82. минута.
Реваншот на „Викериџ Роуд“ започна со голот на Матеј Видра во 15. минута кој му донесе на Вотфорд водство од 1-0. Четири минути подоцна, Лестер израмни преку Нуџент, па двете екипи заминаа на пауза со 1-1.
Во 65. минута, Видра со својот втор гол на натпреварот, му донесе ново водство на Вотфорд. Резултатот беше актуелен сè до 97. минута (судиското продолжение на регуларниот дел). Токму во тој момент, Лестер доби пенал, а на белата точка се намести Ентони Нокарт. Неговиот удар, а исто така и одбиената топка, беше одбранет од Мануел Алмуниа, а Вотфорд тргна во контранапад и постигна гол преку капитенот Трој Дини. Овој гол на Дини, му обезбеди победа од 3-1 на Вотфорд и пласман во финалето на плејофот.
Во финалето, Кристал Палас, победи со 1-0, а Вотфорд остана во Чемпионшип. Сепак, неверојатната завршница во Вотфорд ќе остане засекогаш запаметена, токму како пресвртот на Манчестер Сити против КПР за освојувањето на првата шампионска круна по четири децении.



