Поранешниот напаѓач на Ливерпул, Марсеј и Лацио, Џибрил Сисе, е на прагот на реализирањето на една извонредна цел – постигнати сто погодоци во француската Лиг 1. Французинот досега има постигнато деведесет и шест голови во најелитното француско натпреварување и тоа седумдесет во дресот на Оксер, дваесет и четири во дресот на Марсеј и два во дресот на Бастија.
Во врска со ова, фамозниот напаѓач се огласил дека е спремен да игра бесплатно за било кој клуб од Лиг 1 сè со цел да го достигне зацртаниот јубилеј.
„Јубилејната бројка од сто голови ме прогонува. Ми фалат уште четири и не можам да го издржам тоа, ме полудува.“ – изјавил Сисе како што пренесуваат „32Ред“ и „Дејли Мејл“.
Во својата богата кариера, Сисе настапуваше за огромен број тимови и тоа: Оксер, Ливерпул, Марсеј, Сандерленд, Панатинаикос, Лацио, КПР, Ал-Гарафа, Кубан Краснодар, Бастија, Сен-Пјеруаз, Ивердон и Виченца.
Сепак, еден од неговите најнеобични моменти, дефинитивно е изведениот пенал за Панатинаикос при којшто ја заглави топката во аголот на мрежата.



