Поранешниот норвешки ски скокач, Бјорн Еинар Роморен, се натпреваруваше во светскиот куп од 2001 до 2014 година, со исклучок на сезоната 2012/13. Норвежанецот, своевремено беше светски рекордер откако на 20 март 2005, на Планица, успеа да летне 239 метри.
Роморен, во кариерата, забележа 221 индивидуален старт во светскиот куп и дури 22 индивидуални подиуми. На тимско ниво забележа 43 стартови и 17 подиуми. Роморен, исто така, со својата репрезентација, освои и неколку медали на светските првенства како и бронзен медал на ЗОИ во Торино во 2006.
Во јуни 2019, на норвешкиот ски скокач му беше дијагностициран тумор на грбот кој набргу се претвори во рак. Роморен веднаш почна со разни терапии, а вчера ја доби и најпосакуваната вест односно дека успеал да ја „победи“ битката со ракот.
„Одлично е чувството да се биде на ова ниво на коешто сум сега, не само поради тоа што го поминав, туку и поради тоа што си ја враќам формата. Фактот дека немам рак и дека третманот функционираше е секако најдоброто чувство од сè.“ – истакна Роморен за порталот на ФИС.



