Иако сезоната во англискиот фудбал беше стопирана поради настанатата ситуација, сепак ни пружи доста интересни моменти, а и впечатливи статистики.
Имено, најбрзиот хет-трик во првите четири англиски лиги, оваа сезона, го постигна Георге Пушкаш. Играчот на Рединг постигна три гола во натпреварот против Виган за неполни пет минути. Веднаш после него се Мет Смит од Милвол (13′), Ники Мејнард од Мансфилд (18′), Тами Абрахам од Челзи (21′), Скот Фрејзер од Бартон (23′) и Нејтан Томас од Карлајл (23′).
Исто така, друга статистика што ги опфаќа првите четири лиги е онаа според која е пресметан процентот на ударите упатени кон голот во однос на вкупниот број на шутови. Во ова поле владее Вест Хем кој од вкупниот 281 шут имал дури 134 во рамките на голот што е 48% на прецизност. Веднаш под тимот од Лондон се Питерборо (45%), Чарлтон (43%), Барнли (42%) и Ливерпул (42%).
Третата статистика која ги опфаќа сите тимови од првите четири лиги е онаа според која се индивидуирани единствените дванаесет тимови кои во текот на сезоната не изгубиле натпревар откако барем еднаш имале резултатска позитива. Во оваа елита спаѓаат Ливерпул, Кристал Палас, Манчестер Јунајтед, Шефилд Јунајтед и Вулверхемптон од Премиер лигата; Фулам, Мидлсброу, ВБА и Лидс од Чемпионшип; Ипсвич и Викомб Вондерерс од Лиг 1 и Челтенхам од Лиг 2.
Кога е во прашање Премиер лигата, според голем број на фанови, Арон Ван-Бисака важи за еден од играчите со најголем процент на успешни дуели. Токму тоа го потврдува и статистиката. Имено, младиот дефанзивец на Манчестер Јунајтед има дури 84% успешност во ова поле, а зад себе ги остава Рајан Фредерикс од Вест Хем (77%), Серж Орие од Тотенхем (76%), Џибрил Сидибе од Евертон (74%), Крис Башам од Шефилд Јунајтед (73%) и Вилфред Ндиди од Лестер (73%).
Последната статистика во која се вклучени само играчите од Премиер лигата ги издвојува поединците со најмногу постигнати голови надвор од шеснаесетникот. На врвот на оваа листа е Џејмс Медисон од Лестер со 8 голови, а зад него се Кристијан Ериксен од Тотенхем и Ријад Марез од Манчестер Сити со по шест голови и Џејмс Ворд-Праус од Саутемптон со пет. Подолу на листата, со по четири постигнати голови надвор од шеснаесетникот, се Обамејанг, Де Брујне, Дин, Кејн, Невеш и Сигурдсон.
*Сите статистики се преземени од Фејсбук страната на „Плејмејкер Статс“