Новак Ѓоковиќ ја повика меѓународната тениска заедница да се вклучи во финансирање на фонд кој им помага на тенисерите од долниот дел на ранглистата.
– За мене е привилегија да го искористам мојот статус како врвен играч и да ги повикам сите водечки тенисери да им помогнат на своите колеги кои се измачувани од пандемијата од коронавирус. Јас лично сум направил доволно пари за да живеам многу години без да играм, вели тој во разговорот на Инстаграм со Фабио Фоњини.
Тој вели дек секој тенисер може да помогне онолку колку што сака.
– Тешко е да се наметне некој да дава од личните ресурси, без разлика каква позиција се наоѓа во рангот. Јас исто така разбирам дека има различни мислења. Но, јас сум должен да поканам секој што сака тенисот да преживее, да донира во фондот, порача Ѓоковиќ, кој има 17 Гренд-слем титули и заработи скоро 144 милиони долари парични награди во текот на неговата кариера.
Идејата на Ѓоковиќ се оствари, скоро сите најдобри тенисери решија да помогнат. Сепак, не сите. Третиот тенисер на светот, Доминик Тим денес изјави дека одбива да даде пари.
“Ниту еден од играчите со понизок ранг не мора да се бори за својот живот. Сум видел играчи на ITF Tour. Ниту еден од нив не е 100% посветен на спортот. Многу од нив се прилично непрофесионални. Не гледам зошто треба да им дадам пари”. рече Тим во интервју за Кроне Спорт, па продолжи:
,,Подобро би им помогнал на луѓе и институции на кои навистина им треба. Нема професија во светот каде ви е загарантиран успех и високи приходи на почетокот на кариерата. Ниту еден од најдобрите играчи не земал ништо здраво за готово. Сите моравме да се бориме за да постигнеме нешто “, додаде тој.



