Колорадо Аваланш и Њу Јорк Ренџерс се соочија во единствениот од сите денешни натпревари што беше решен после продолжение. Имено, после шеесет минути игра, резултатот изнесуваше 2-2. Најпрво, Ренџерс поведоа преку Мика Зибанеџад, а Колорадо, до крајот на втората третина направи пресврт од 2-1 со головите на Тајсон Јост и Владислав Наместников. Мет Нието (Колорадо) имаше шанса да стави точка на натпреварот, но во петтата минута од третиот период промаши пенал. За Американецот, ова беше четврти пенал во кариерата, а воедно и четврти промашај. На само тринаесет секунди до крајот, Павел Бучневич постигна гол за 2-2 и го однесе натпреварот во продолжение. После неполни три минути игра во дополнителниот дел, Колорадо дојде до двата поени благодарение на единаесеттиот овосезонски гол на Џеј Ти Комфер.
На табелата на Западната конференција, Колорадо се наоѓа на второто место со само два поени заостаток и натпревар помалку во однос на првопласираниот тим на Ст. Луис Блуз. Од друга страна, Ренџерс се десетти на Истокот и се во густа борба за една од позициите што водат во доигрување.



