Симоне Моро е најуспешниот италијански планинар/алпинист, а воедно и еден од
најреномираните во светот. Роден е на 27 октомври 1967 во италијанскиот град
Бергамо кој се наоѓа во северниот дел на државата во близина на Бергамските
Алпи. Токму во тој регион, Моро ги започнал своите први планинарски чекори
искачувајќи ги и највисоките врвови на свои тринаесет години. Неговиот татко
бил воедно и негов најголем поддржувач и мотиватор. Од 2004, Моро е под
спонзорство на познатиот светски бренд „Норт Фејс“.
Освен во планинарењето, Моро е успешен и во пилотирањето на хеликоптер.
Сертификат за пилотирање добил во Калифорнија во 2009, а во 2013 бил инволвиран
во највисоката хеликоптерска мисија за спасување на повреден планинар – на 7800
м.н.в. во близина на Монт Еверест. Исто така, Симоне Моро е добротворец кој
учествува на разни семинари и амбасадорски проекти.
Искачувањето на Аконкагва и Серо Мирадор:
На свои дваесет и пет години, Симоне Моро ја прави својата втора зимска
експедиција. Целта на оваа експедиција била искачувањето на Аконкагва,
највисокиот врв во Јужна Америка со 6962 м.н.в., заедно со Лоренцо Мацолени.
Цел поход завршил успеашно, а освен Аконкагва, бил освоен и Серо Мирадор (6089
м.н.в.).
Искачување на Монт Еверест – највисокиот врв на светот:
Симоне Моро го има освоено Монт Еверест (8848 м.н.в.) вкупно четири пати од кои првиот датира од 2000 година. Токму ова искачување било заедно со неговиот планинарски партнер – Казахстанецот Денис Урубко. Урубко станал планинарски партнер на Моро откако, при една експедиција на Анапурна во 1997, Моро го загубил најдобриот пријател и тогашниот планинарски партнер, Русинот Анатолиј Боукреев, кој бил погоден од лавина заедно со Димитри Соболев. Наредните три искачувања на Монт Еверест ги остварил во 2002, 2006. и 2010.
Интересен е фактот што при враќање од нова експедиција на Анапурна во 2004 заедно со Денис Урубко, Моро првпат ќе го земе во свои раце хеликоптерот и ќе се врати до базниот камп. Тогашната дозвола за лет на хеликоптерот му ја дал главниот пилот наречен од самиот Моро како „пилотот Александар“.

После два обиди освоен е и Шиша Пангма во зимски услови:
Полските алпинисти, во осумдесетите години на минатиот век, во тренд ги вовеле
зимските освојувања на највисоките врвови на светот. Поведен од нивните намери,
Моро, во 2004, се обидува да го освои кинескиот врв Шиша Пангма (8027 м.н.в.).
Сепак, првиот обид бил неуспешен, пред сè заради здравствените проблеми на
Пјотр Моравски – придружникот на Моро. Сепак, вториот обид бил успешно остварен
наредната година кога Моро станал и првиот човек што освоил врв повисок од осум
илјади метри во зимски услови, а да не е Полјак, Имено, Симоне Моро во 1996
го освоил Шиша Пангма за првпат, но тогаш во летни услови.
Неверојатно искачување на Бека Бракаи Чок (6940 м.н.в.):
Бека Бракаи Чок е врв во Пакистан кој првпат бил искачен од Моро во 2008. Ова
искачување траело само четириесет и три часа, а Моро го остварил во придружба
на сонародникот Ерве Бермасе – син на познатиот италијански алпинист Марко
Бермасе.
Први зимски искачувања на три врвови повисоки од осум илјади метри:
Освен Шиша Пангма, Моро искачил уште три врвови повисоки од осум илјади метри
во зимски услови за првпат во човештвото. Првиот обид бил во јануари 2009, кога
заедно со Денис Урубко го искачиле врвот Макалу (8463 м.н.в.) во Непал. Во
февруари 2011, двајцата алпинисти заедно со Американецот Кори Ричардс го
освоиле и врвот Гашербрум 2 (8035 м.н.в.) што дотогаш било сметано како
невозможна мисија. Последниот врв повисок од осум илјади метри искачен од Моро
во зимски услови е Нанга Парбат (8126 м.н.в.) во Пакистан.
Искачени врвови повисоки од осум илјади метри:
1996 и 2005* – Шиша Пангма (8027 м.н.в.) – Пакистан
1997 – Лоце (8516 м.н.в.) – на границата помеѓу Непал и Кина
2002 – Чо Оју (8188 м.н.в.) – на границата помеѓу Непал и Кина
2003 – Брод Пик/К3 (8051 м.н.в.) – на границата помеѓу Кина и Пакистан
2009* – Макалу (8463 м.н.в.) – Непал
2000, 2002, 2006 и 2010 – Монт Еверест (8848 м.н.в.) – на границата помеѓу
Непал и Кина
2011* – Гашербрум 2 (8035 м.н.в.) – Пакистан
2016* – Нанга Парбат (8126 м.н.в.) – Пакистан
(*) – искачени во зимски услови



