Единствениот денешен натпревар што заврши нерешено после регуларниот дел и продолжението, па беше решен после изведувањето на пеналите беше натпреварот одигран во Британска Колумбија помеѓу Ванкувер Кенакс и Њу Јорк Ајландерс. Имено, дуелот помеѓу овие две екипи заврши со 4-4 после шеесет и пет минути игра, а до победата дојде Ванкувер откако погоди еден од трите дополнителни пенали.
Најпрво, Ајландерс преку Ендру Лад поведоа со 0-1, а потоа следуваше пресврт на Кенакс во кој стрелци беа Адам Годет и Тајлер Тофоли. Џордан Еберле израмни на 2-2 за Ајландерс до крајот на првата третина. Втората третина ја доби Ванкувер со 2-1 благодарение на Зек МекИван и Бо Хорват. Единствениот гол за Ајландерс во овој дел од натпреварот го постигна Брок Нелсон. Истиот играч го постигна и единстевниот погодок во третиот период за да го однесе натпреварот во продолжение. На пеналите, единствен прецизен играч беше Џеј Ти Милер. Сепак, најзаслужен играч за победата на Кенакс беше голманот Тачер Демко кој успеа да одбрани четириесет и пет шута на противниците вклучувајќи и неколку неверојатни одбрани при крајот.
Со оваа победа, Ванкувер повторно изби на седмото место на Западот, додека Ајландерс паднаа на деветтото место на Истокот. Двете екипи сè уште имаат шанси за плејоф имајќи во предвид дека се опкружени со по неколку тимови кои имаат предност од само неколку поени.



