Торонто Мејпл Лифс и Тампа Беј Лајтнинг одиграа многу важен натпревар во рамките на денешната НХЛ програма. Имено, на Торонто му беше неопходна победа за да го задржи провизорното место што води во плејоф. Тампа Беј игра променливо последните три недели откако се повреди капитенот Стивен Стамкос. Хокеарите од Флорида забележаа само три победи на последните десет натпревари, но сè уште се второпласирана екипа на Истокот.
На овој натпревар, Торонто славеше со 2-1. По еден гол падна во секоја третина. Во првиот дел погоди Вилијам Ниландер за водство на Торонто од 1-0. Во втората третина, Ондреј Палат израмни на 1-1, а во последниот период, Остон Метјуз ги постигна конечните 2-1. Со оваа победа, Торонто остана на седмото место на Истокот и притоа се израмни на поени со шестопласираниот тим на Каролина Хурикејнс.



