Екипите на Њу Јорк Ренџерс и Вашингтон Капиталс се соочија во дуелот кој ќе остане запаметен долг период. Имено, Ренџерс славеа со 6-5 после продолжение, пред сè благодарение на Мика Зибанеџад. Швеѓанецот, кој веќе четврта сезона е во Њу Јорк, на овој натпревар постигна пет голови вклучувајќи го и победоносниот гол во продолжението. Со ова, Зибанеџад стана само третиот играч што постигнал пет голови на еден меч во историјата на својот тим веднаш по Марк Павелич во 1983 и Дон Мардох во 1976. Воедно, Зибанеџад стана и седмиот играч кој постигнал пет голови на еден меч во последните 25 години. Останатите играчи на листата се: Алексеј Жамнов (1995), Марио Лемие (1996), Сергеј Федоров (1996), Маријан Габорик (2007), Јохан Францен (2011) и Патрик Лаине (2018).
За Вашингтон, стрелци беа Карл Хагелин, Илја Ковалчук, Гарнет Хатавеј и Алекс Овечкин (х2), додека, за Ренџерс, освен Зибанеџад, погоди само Ентони ДеАнџело.
За Ренџерс, овој триумф е исклучително важен во борбата за плејоф. Имено, хокеарите предводени од Дејвид Квин се наоѓаат на деветтата позиција на Истокот, со два бода заостаток во однос на градските ривали, Њу Јорк Ајландерс, кои се во плејоф позиција. Од друга страна, Вашингтон го запиша седмиот пораз на последните десет натпревари, но сè уште е третопласиран тим на табелата во истата конференција.



