ЛА Кингс и Торонто Мејпл Лифс се соочија во најнеефикасниот синоќешен дуел. Имено, двете екипи не успеаја да постигнат ниту еден погодок после шеесет и пет минути игра, па натпреварот беше решен на пенали. После двете промашени серии, Анже Копитар (ЛА Кингс) го отвори мечот, а веднаш потоа израмни Вилијам Ниландер. Во наредната серија, Адријан Кемпе погоди за Кингс што на крај се испостави како победнички погодок бидејќи Митч Марнер не погоди за Мејпл Лифс.
За Џонатан Квик (ЛА Кингс), ова беше вкупно педесет и втори „шут-аут“ во кариерата, додека Фредерик Андерсен го запиша својот деветнаесетти. Првпат во оваа сезона, Торонто не успеа да постигне погодок, додека за ЛА Кингс ова беше шести таков натпревар.
„Квик повторно беше неверојатен. Оваа вечер го игравме токму оној вид на хокеј што најверојатно требаше да го играме за да победиме.“ – се огласи Тод МекЛелан – тренерот на ЛА Кингс.
За Кингс, ова беше четврта победа во низа, но ни таа не е доволна за да се одлепат од дното на табелата. Од друга страна, Торонто го запиша вториот врзан пораз, но остана на шестото место на Истокот.



