Најдобрите алпски скијачки, овој викенд ќе се натпреваруваат во швајцарскиот ски-центар – Кран-Монтана. На петочната програма беше натпреварувањето во спуст. Најбрза скијачка беше домашната Лара Гут-Бехрами која дојде до својата прва победа откако се омажи за професионалниот фудбалер Валон Бехрами – швајцарски репрезентативец и моментално соиграч на Пандев во Џенова. Воедно, ова беше 25. победа во светскиот куп за Лара Гут-Бехрами и прва победа на домашен терен после цели пет години.
Швајцарските навивачи имаа двоен повод за славје откако на второто место заврши Корин Сутер (+0.80). Подиумот, а воедно и пласманот на скијачките со заостаток помал од една секунда го заокружи Австријката Штефани Венир (+0.92). Пласман во првите десет забележаа и Петра Влхова (+1.08), Бризи Џонсон (+1.26), Нина Ортлиб (+1.32), Федерика Брињоне (+1.35), Јоана Хелен (+1.35), Марта Басино (+1.36) и Елена Куртони (+1.37).
Имено, првата трка во светскиот куп, оддржана во Кран-Монтана, датира од 1977, а една деценија подоцна, овој ски-центар бил домаќин на светското првенство во алпско скијање. Минатата година, на спустот во Кран-Монтана славеше Софија Гоџа што беше нејзин прв триумф после враќањето од повредата на зглобот. На претходните две натпреварувања во алпска комбинација (2018 и 2019) победи Федерика Брињоне. Последна Швајцарка што славела на оваа патека беше Доминик Жизен на супер-велеслаломот во 2010.
На утрешната програма, повторно се наоѓа спуст, а во недела, скијачките ќе се натпреваруваат во алпска комбинација (супер-велеслалом и слалом).



