Бристол Сити и Бирмингем, на „Ештон Гејт” пред 22 065 гледачи го отворија 31. коло од англискиот Чемпионшип. Во пресрет на натпреварот, Бристол Сити имаше серија од четири лигашки победи без примен гол и гол-разлика од 5-0. Последниот примен гол датираше од 1. јануари 2020 во поразот од Брентфорд со 0-4.
Серијата на домаќините се чинеше дека ќе се продолжи и тоа на најдобар можен начин – со гол во 44. секунда. Ова беше најбрзиот гол во оваа сезона, а стрелец беше Џејми Патерсон после грешката на Марк Робертс.
Во 23. минута, Скот Хоган, напаѓачот на Бирмингем, ја прекина серијата на Бристол Сити со својот втор гол на вториот натпревар во дресот на „Сините“. Само седум минути подоцна, Андреас Вајман го постигна својот прв автогол во кариерата и го оствари пресвртот на Бирмингем.
Во 58. минута, пред домашната публика дебитираа двете засилувања на Бристол Сити од јануарскиот преоден рок – Наки Велс и Филип Бенковиќ.
Конечниот резултат од 1-3, во првата минута од судиското продолжение го постави Лукас Јуткиевич со својот десетти гол сезонава.
Со исходот од овој натпревар, Бристол Сити остана на шестата позиција, а Бирмингем се искачи на 14. место на табелата.



