Македонската тенисерка Лина Ѓорческа одлично ги отвори квалификациите за Австралија опен, откако со сигурна и зрела игра ја елиминираше четвртата носителка Сиња Краус од Австрија со 2:0 во сетови (7:5, 6:0).
Во првиот сет се водеше голема борба, но Ѓорческа покажа смиреност во клучните моменти и го доби со 7:5. Во вториот сет Лина беше доминантна, не ѝ дозволи ниту еден гем на противничката и со убедливи 6:0 го потврди својот квалитет и одличната форма.
Со оваа победа, Ѓорческа уште еднаш покажа дека може да се носи со значително повисокорангирани тенисерки и дека со право се надева на пласман во главниот ждреб на првиот Гренд слем во сезоната.
Во второто коло од квалификациите Лина ќе се соочи со искусната Тамара Зиданшек од Словенија, поранешна полуфиналистка на Ролан Гарос и некогашна членка на Топ 30 на ВТА листата.

Македонската публика со нетрпение ќе го следи следниот настап на Ѓорческа, која со ваква игра покажува дека е подготвена за големи резултати.




