
Натпреварувачкиот викенд во Ле Рус (Франција) од Светскиот куп во крос-кантри, започна со денешните трки на десет километри.
Во женска конкуренција, најбрза беше Швеѓанката Еба Андерсон (24:08,8), која дојде до вториот овосезонски триумф.
На втората позиција се искачи домашната натпреварувачка, Делфин Клодел (+13,4), а Џеси Дигинс (+20,5) го освои третото место.
Во продолжение, пласманот во топ 5 го пополнија Ингвилд Флугштад Остберг (+24,4) и Роузи Бренан (+40,1).
Кај мажите, после седумте победи на последните осум трки, водечкиот во генералниот поредок, Јоханес Клебо (+28,9), остана вон подиумот и заврши на осмото место.
Неговиот сонародник Харалд Остберг Амундсен (21:26,5) го освои првото место и триумфираше за првпат во кариерата, додека Сјур Роте (+11,9) дојде до јубилејниот триесетти, а Вилијам Порома (+17,9) до вториот пиедестал во кариерата.
За само една секунда, без медал остана Паал Голберг (+18,9), а во првите петмина заврши уште Жан Лапиер (+25,0).




