
После десет одиграни кола од грчката Супер лига, Панатинаикос има десет победи со убедлива гол-разлика од 20-3.
Во десеттата рунда, клубот од Атина го совлада Волос со убедливи 1-5 и покрај фактот дека поради повреда, отсутен беше најдобриот стрелец – Аитор Канталапиедра.
На мечот, ,,Зелените” упатија вкупно седум удари во рамките на голот од кои, пет беа реализирани за водство од 0-5.
Од сите гостински фудбалери, двапати успешно стрелаше Себастијан Паласиос (39′, 44′), а по еднаш погодија Словенците Адам Гнезда Черин (67′) и Андраж Шпорар (76′), заедно со автоголот на Жоао Есковал (66′).
На спротивната страна, почесниот погодок беше дело на поранешниот премиерлигаш, Ентони Нокарт (п. 83′), кој успешно реализираше од белата точка.
На табелата, Панатинаикос и понатаму е самостоен на врвот, додека Волос засега се наоѓа на третото место.




