По втор пат, АК 7ми Ноември Гевгелија организира улична трка во Гевгелија под името „November Run Gevgelija 2022“. Трчајте во најтоплиот град во државата во недела, 06.11.2022 година!
Трката „November Run Gevgelija 2022“ е организирана според правилата на IAAF, Атлетската федерација на Македонија и согласно важечките законски прописи.

Во Гевгелија минатата година на 7 ноември се одржа првата атлетска трка „Ноемвриска трка 2021“ која мина во одлична организација од страна на АК „7-Ми Ноември“. Атлетската градска трка е со тенденција да прерасне во традиционална препознатлива трка како една од најатрактивните македонски спортски манифестации се одржаа три трки.
На 10 километри, трка која се бодуваше за државното првенство, учествуваа 389 натпреварувачи. Во машка конкуренција победи еден од најдобрите македонски атлетичари Дарио Ивановски, кој постави нов државен рекорд, втор беше Димитар Петровски а третото место му припадна на Тиран Мамуши од Косово. Во женска конкуренција најбрза беше Андријана Поп Арсова, втора Биљана Кираџиевска, а трета Миљанка Ристиќ.
На рекреативната трка на 5 километри на која учествуваат вкупно 250 натпреварувачи во машка и во женска конкуренција, кај мажите првите три места ги освоија Стојче Петровски, Атанас Епов и Мики Попоски, додека кај жените најбрзи беа Весна Кираџиева, Анастасија Ристова и Тамара Попов.
Се одржа, за прв пат и трка на домашни миленичиња. Одличната атмосфера, карактеристичните најави на Виктор Петков Викса, прекрасното време и настапите на групата „Chill Out“ и Пере од „Нокаут“ придонесоа Гевгелија минатата година да биде центарот на уличното трчање во Македонија.
Регистрирајте се и оваа година на November Run Gevgelija 2022 и бидете дел од второто издание.




