
Тринаесеттото натпреварување од тековната МотоГП сезона, одржано во Австрија, му припадна на Франческо Бањаја.
Италијанецот извоза соло-трка за својата петта победа во 2022, воедно трета во низа, иако почна да има проблеми со пневматиците во последниот круг.
Сепак, Бањаја успеа прв да помине низ целната линија и да стане првиот возач на ,,Дукати” после Кејси Стонер од 2008 со остварен хет-трик.
Негова најголема закана беше лидерот во генералниот поредок, Фабио Квартараро, кој заврши на второто место пред третопласираниот Џек Милер.
Во последниот круг, додека се бореше за подиум, пад доживеа Хорхе Мартин, а од фаворитите без поени останаа Жоан Мир и Енеа Бастијанини.
На четвртото и на петтото место се пласираа Лука Марини и Жоан Зарко, а во првите десетмина се најдоа уште: Алеиш Еспаргаро, Бред Биндер, Алекс Ринс, Марко Беѕеки и ,,трагичарот” Хорхе Мартин.




