
Возачот на ,,Јумбо-Висма”, Јонас Вингегаард, стана шампион на последното 109. издание на најпрестижната велосипедска трка – Тур д Франс.
Овогодинешното натпреварување го имаше почетокот токму во родната земја на новиот првак, Данска, каде што се возеа првите три етапи пред караванот да се пресели во Франција.
Вингегаард помина вкупно 3328 километри во текот на дваесет и еден натпреварувачки ден и постави вкупно време од 79:33:20.
На второто место заврши најголемиот фаворит, односно победникот од 2020 и од 2021, Словенецот Тадеј Погачар (+02:43), кој накрај мораше да се задоволи со белата маица за најдобар млад возач.
Погачар беше водечки после десет етапи, но потфрли на единаесеттата, кога заврши 02:51 минути зад Вингегаард.
Во продолжение, двајцата лидери цело време возеа како пар, а Данецот изведе и еден впечатлив потег, кога во осумнаесеттата стаза, го почека својот најблизок ривал, кој доживеа пад, иако можеше да оди напред и дополнително да ја зголеми својата предност.
Најмногу поени од сите велосипедисти освои Воут ван Аерт, а Вингегаард славеше и во пласманот за најдобрите планински тркачи.
Во генералниот поредок, подиумот го комплетираше Герент Томас (+07:22), а во топ 5 завршија уште Давид Гуду (+13:39) и Александр Власов (+15:46).




