
Екипата на Кери е шампион на 135. издание на Ол-Ајрленд Сениор Фудбал Чемпионшип, откако во финалето го совлада Голвеј со (0-20) 20-16 (0-16).
Станува збор за најпрестижното натпреварување во националниот спорт на Ирска, галски фудбал, во кое учествуваат триесет и две екипи.
За Голвеј, ова беше дваесет и трето финале и прво после шампионската 2001 година, на кое дојде до тринаесеттиот пораз.
Од друга страна, Кери го одигра своето шеесет и прво финале, а се ,,закити” со триесет и осмата титула.
Во финалниот меч, одигран на ,,Кроук Парк” во Даблин, владееше резултатската неизвесност.
Од победничките редови, убедливо најефикасен беше Дејвид Клифорд (0-08), а по него следуваше Шон О’Шеј (0-03).
Кај противничкиот табор, Шејн Волс (0-09) имаше девет поени, а уште четири додаде Килијан МекДејд (0-04).
За двете екипи, ова беше дваесет и трет меѓусебен натпревар и прв после 2018, на кој, Кери ја запиша тринаесеттата победа.
На патот до финалето, во нокаут-фазата, Голвеј ги порази северноирските Армах и Дери, а Кери беше подобар од Мејо и од Даблин.