
Освен Париз – Ница, во текот на изминатата недела се одржа уште една престижна трка од новата велосипедска сезона – Тирено Адријатико.
Имено, овој настан се вози низ Италија и е познат како ,,Трката помеѓу двете мориња” со оглед дека возачите се селат од Тиренското кон Јадранското море.
На овогодинешното 57. издание на Тирено Адријатико, до вкупната круна дојде Словенецот Тадеј Погачар, кој ја одбрани титулата од минатата година.
Погачар, освен вкупниот поредок, освои две етапи и две маички за најдобар млад велосипедист и за најмногу собрани поени.
Со исклучок на Словенецот, по една етапна победа изборија уште Филипо Гана, Тим Мерлие, Кејлеб Уан, Варен Баргиј и Фил Баухаус, а најдобар по планините беше Американецот Квин Симонс.
Во вкупниот пласман, зад победникот (27:25:53), во првите пет, се пласираа уште: Јонас Вингегаард (+01:52), Микел Ланда (+02:33), Ричи Порт (+02:44) и Џеј Хиндли (+03:05).




