
На првото натпреварување на скокалницата ,,Холменколбакен” во Осло, Норвешка, домашната публика се радуваше на првата овосезонска победа во Светскиот куп во женска конкуренција.
Имено, после двете втори и двете трети места, на врвот се искачи Силје Опсет, која славеше за првпат во кариерата.
Норвежанката дојде до триумфот со најдолгиот втор скок од 131,5 метри, откако беше водечка и после првата серија.
На второто место се искачи победничката од квалификациите, Словенката Ника Крижнар, а Сара Таканаши го комплетираше пиедесталот.
На четвртата позиција заврши Урша Богатај, а Катарина Алтхаус беше петта пред Јуки Ито.
Водечката во генералниот поредок, Марита Крамер, заврши како седма, но го задржа водството во борбата за кристалниот глобус.




