
Во Хинценбах (Австрија), односно на местото каде што ја оствари првата победа во сениорската кариера, Словенката Ника Крижнар дојде и до третиот триумф во 2021/22.
Крижнар е актуелна освојувачка на Светскиот куп во ски скокови во женска конкуренција, а денес славеше убедливо со двете најдобри изданија.
Со оглед дека вчерашната победничка, Урша Богатај, денес беше дисквалификувана, Крижнар, благодарение на вчерашното второ место, дојде и до ,,Алпската круна”, доделена за најдобрата скокачка во текот на цел викенд во Хинценбах.
На второто место на денешното натпреварување, а воедно и во поредокот за круната, заврши лидерката во генералниот пласман, Марита Крамер, која беше дури десетта после првата серија.
За првпат во кариерата, на победничкиот пиедестал се најде Французинката Жозефин Пање, одбранувајќи ја третата позиција од првиот скок.
Во продолжение, пласманот во првите десетмина го комплетираа: Фрида Вестман, Софија Тихонова, Шпела Рогељ, Лиза Едер, Абигејл Стрејт, Жакелин Зајфридсбергер и Јуки Ито.




