
Русија ќе има можност да ја брани олимписката титула од Пјонгчанг 2018, откако се пласираше во финалето на хокеарскиот турнир во Пекинг.
Во денешното полуфинале, Русите ја надиграа селекцијата на Шведска после пенали, ремизирајќи со 1-1 после седумдесет минути игра.
На стартот на втората третина, победничкиот состав стекна почетно водство преку Антон Слепишев, а во седмата минута од третиот дел, на 1-1 израмни Антон Ландер.
Во пенал-рулетот, за Шведска стрелаа Лукас Валмарк и Јоаким Нордстром, додека, од противничкиот табор погодија Никита Гусев, Јегор Јаковљев и Арсени Грицјук после осум серии.
Во битката за бронза, Шведска ќе оди на мегдан со Словачка, а Русија ќе се бори за злато против Финска.




