
И покрај отсуството на својот најголем адут, Јарл Магнус Риибер, Норвешка ја оправда фаворитската улога и славеше на штафетната трка во нордиска комбинација.
Норвежаните (50:45,1) скијаа во група со Германија, со Јапонија и со Австрија во првата половина од тркачкиот дел, но од третата измена се одделија на врвот.
Во неизвесна завршница, Германија (+54,9) успеа да го освои сребрениот медал, а неочекувано, со бронза замина Јапонија (+55,2).
Првопласираната селекција после скокачкиот дел, Австрија (+59,6), го зазеде четвртото место, откако, при скијањето, силниот ритам не можеше да го издржи Мартин Фритц.
Во продолжение, под три минути доцнеа Франција (+2:15,0), САД (+2:22,0), Чешка (+2:25,5) и Финска (+2:39,0).
Составот на првите три репрезентации гласеше:
– Норвешка (Еспен Бјорнштад, Еспен Андерсен, Јенс Лураас Офтебро и Јорген Граабак)
– Германија (Мануел Фаист, Јулијан Шмид, Ерик Френцел и Винценц Гајгер)
– Јапонија (Јошито Ватабе, Хидеаки Нагаи, Акито Ватабе и Рјота Јамамото)




